Унапредувањето на ученичкиот и студентскиот стандард е еден од клучните приоритети на Министерството за образование и наука, при што особено се води грижа за обезбедување на подобри услови за сместување и престој во студентските домови. Во таа насока, по низа реконструкции на ученичките домови, започнаа и подготвителните активности за спроведување на најкрупниот инфраструктурен проект поврзан со државните студентски домови кој предвидува нивна целосна обнова и трансформирање во енергетски ефикасни објекти, за што ќе се вложат 25 милиони евра. Станува збор за реконструкција на вкупно 8 објекти во кои ќе се подобри основната удобност и структурниот интегритет.
Реализацијата на проектот за етапно реновирање на студентските домови во државава во ноември ја најави министерот Јетон Шаќири, кој претставувајќи го Акцискиот план соопшти дека таа ќе стартува на почетокот на 2023-та, најпрво со домот „Стив Наумов“ во Скопје каде што условите се најлоши.
Посочи дека проектот вреден околу 20 милиони евра од Германската развојна банка ќе се спроведува во три фази во три години и дека се очекува првата фаза за реновирање на неколку домови да почне во јануари-февруари годинава.