Министерството за образование и наука информира дека денес е објавен повторен повик за пријавување на наставници од основни училишта за напредување во звање „ментор“. На повикот можат да се пријават наставници од основните училишта од кои на првиот повик немаше пријавени кандидати или немаше кандидати кои ги исполнуваа условите.
-Вториот јавен повик за наставници од основните училишта за напредување во звање „ментор“ е објавен на следниот линк. Во самиот повик е наведена листата на училишта на кои се однесува истиот.
За еден наставник да може да аплицира за остварување на правото кое произлегува од новиот Закон за наставници и стручни соработници во основните и средните училишта чија цел е подигнување на дигнитетот и општествената важност на просветителската дејност, потребно е да исполнува неколку услови: да има најмалку 7 години работни искуство како наставник, да е вработен на неопределено работно време и да ги исполнува професионалните стандарди за наставник – ментор.
Пријавувањето се спроведува исклучиво електронски преку порталот www.karierenrazvoj.mon.gov.mk, каде во прилог на апликацијата се приложува и соодветна документација како доказ за исполнетост на наведените услови. Крајниот рок за аплицирање е 30 јуни 2021 година.
Министерството за образование и наука ги повикува сите наставници од наведените јавни основни училишта во повикот, доколку ги исполнуваат условите, да ја поднесат својата пријава во предвидениот рок, за да го остварат законски утврденото право за напредување во звање „ментор“, а со тоа и да си обезбедат повисок личен приход, соопштија од МОН.