МОН објави конкурс за престој во јавните ученички домови

од Берта Китинска
168 прегледи

Министерството за образование и наука објави конкурс за прием на ученици во јавните ученички домови во Република Македонија за учебната 2021/2022 година.

Во конкурсот е наведено дека согласно Протоколот за работа во услови на справување со Ковид-19 на јавните ученички домови во Република Македонија, во јавните ученички домови во една соба се сместуваат 50% ученици од вкупниот капацитет на собата и право на сместување ќе имаат само учениците што имаат настава со физичко присуство или комбинирана настава. Доколку во текот на учебната година се надмине пандемијата и ќе се создадат услови за сместување со полн капацитет, во домот ќе се сместат сите ученици што стекнале право на сместување со конкурсот.

– Првенство при прием на ученици во јавните ученички домови ќе имаат ученици запишани во I, II, III или IV година во Државното средно училиште Спортската академија во Скопје и дисперзираните паралелки на ова училиште во другите градови на Република Македонија – стои во конкурсот.

Учениците што се пријавуваат на Конкурсот треба да пополнат електронска пријава поставена на интернет-порталот www.konkursi.mon.gov.mk.

Учениците може да конкурираат за прием во дом со наведување на името на ученичкиот дом и како алтернатива на друг ученички дом со наведување на називот на домот доколку во првоизбраниот дом бидат пополнети сите места.

Рокот за електронското пријавување на учениците кои се запишани во II, III, IV година почнува од 24.06.2021 година и трае до 01.07.2021 година, а рокот за електронското пријавување на учениците што се запишани во прва година почнува од 02.07.2021 година и трае до 9.07.2021 година.

Учениците што имаат поднесена електронска апликација, комплетната документација ја доставуваат од 04.07.2021 година до 15.07.2021 година во ученичкиот дом во кој се пријавиле за сместување.

Учениците со посебни образовни потреби кои се сместуваат во домовите „Искра“ – Штип, „Партенија Зографски“ – Скопје, „Димитар Влахов“ – Скопје и „Свети Наум Охридски“ – Скопје, не пополнуваат електронска пријава и документацијата ја доставуваат во ученичкиот дом во кој се пријавиле за сместување од 10.07.2021 година до 20.07.2021 година.

 

Слични содржини