МОН подготвува нов закон за повисок квалитет и навремена набавка и испорака на учебници

од Nikola Popovski
165 прегледи

Во моментов се изготвува првата нацрт верзија на новиот Закон за учебници во основното и средното образование на којашто работи група составена од претставници на повеќе институции и чинители на воспитно – образовниот процес.

Ова е иницијатива на Министерството за образование и наука (МОН) и Педагошката служба, со цел да се унапреди квалитетот на содржината на учебници, да се намали веројатноста за појава на грешки од различна природа во содржината и во исто време да се поедностави процесот на набавка и навремена испорака до училиштата.

-Потребата од ново законско решение во интерес на образовниот систем и квалитетот на воспитно – образовниот процес во државата е повеќе од очигледна поради неопходноста од поставување на повеќе дополнителни филтри за контрола при изработка и одобрување на содржината на учебниците, но и изнаоѓањето начин за поттикнување на што поголема конкуренција, односно поголем број автори со свои ракописи, како и рецензенти за одобрување на ракописите да се пријавуваат на јавните огласи.

Во новото законско решение ќе бидат интегрирани сите конструктивни предлози што од јануари пристигнаа на адреса на МОН, кога беше повикана јавноста да даде забелешки и сугестии на постојното законско решение што е основа за изработка на ново подобро решение.

Јавната дебата ќе продолжи со проследување на нацрт законското решение до Владата, од каде ќе биде објавено на ЕНЕР системот, а потоа и проследено до Собранието на финална дискусија и конечно усвојување, велат од МОН.

Слични содржини