Апликациите за студентска стипендија, Министерството за образование и наука потсети дека можат да се поднесат заклучно со 30. ноември.
Од таму информираат дека конкурсите се објавени на нивната интернет страница, а потенцијалните кандидати кои ги исполнуваат конкурсните услови, можат да одберат својата апликација заедно со сите потребни документи да ја достават или хартиено преку архивата на МОН, или пак, да аплицираат електронски преку интернет платформата www.konkursi.mon.gov.mk.
„Кандидатите кои ќе аплицираат електронски, немаат обврска да ги достават документите хартиено и обратно – студентите кои поради било каква причина немаат можност или нема да одберат да аплицираат електронски, ги доставуваат документите само хартиено во МОН, а апликацијата ќе се смета за валидна и ќе биде предмет на разгледување од надлежните комисии“, посочуваат во соопштение.
Исто така, Министерството упати апел до сите заинтересирани апликациите да ги пополнуваат електронски, со оглед на ситуацијата и актуелната Пандемија од Ковид 19.
Дополнително, покрај конкурсите за доделување студентски стипендии, Министерството потсетува дека во тек е Конкурс за поврат на средства за купен музички инструмент за академската 2020/2021 година, со кој на 25 студенти, запишани на државните високообразовни установи каде се остваруваат студиски програми од областа на музиката, а кои ќе ги исполнат конкурсните услови, Министерството за образование и наука ќе им изврши поврат на дел од средствата за купен музички инструмент во висина од 75% од исплатените средства, но не повеќе од 100.000 денари по инструмент.
-За какви било прашања поврзани со аплицирањето за остварување на правото на стипендија, односно финансиска поддршка за купување музички инструмент, Министерството за образование и наука им стои на располагање на студентите. Контактите на вработените во Секторот за ученички и студентски стандард, како и на сите останати вработени во МОН се објавени на овој линк, а официјалната електронска адреса на министерството е [email protected], се наведува во соопштението на Министерството.