МОН тврди дека од 2021 не го користат рускиот антивирус „Касперски“

од Nikola Popovski
239 прегледи

Министерството за образование и наука (МОН) демантира дека во моментов го користи рускиот антивирус „Касперски“, кој е на „црна листа“ во многу земји и е забранет во САД.

Од ресорот образование за „Локално“ велат дека секоја година спроведуваат постапка за јавна набавка за избор на економски оператор кој ќе обезбеди лиценци за антивирусен систем за потребите на институцијата.

-Антивирусниот систем кој го посочувате е предмет од јавна набавка во 2021 година, така што договорот за негово користење не е активен, соопштија од МОН.

Ваквата реакција следува откако РСЕ денеска објави како повеќе државни институции го користат споменатиот антивирус. Според пишувањата, покрај МОН, антивирусот кој не е забранет во земјава, и МВР, Министерството за финансии, Министерството за животна средина, Централниот регистар и неколку клинички болници го користат токму Касперски антивирусен софтвер, кој се грижи за нивните интернет страници.

Се наведува дека Европската унија препорачала да се забранат производите од оваа руска компанија.

Во септември 2017 година, Министерството за внатрешна безбедност на САД забрани употреба на производи на Касперски од федералните власти поради сомневања дека компанијата е поврзана со руски специјални служби.

Една година подоцна, во јуни 2018 година, Европскиот парламент усвои резолуција за зајакнување на сајбер-одбраната од Кина, Русија и Северна Кореја, која содржи клаузула ограничување на користењето на софтверот „Касперски“ како потенцијално опасно.

Како одговор, компанијата одлучи да престане со соработката со европските агенции за спроведување на законот, вклучувајќи го и Европол.

„Касперски“ е основана во 1997 година од страна на Ојген Касперски. Денес клиенти на фирмата се околу 400 милиони физички лица и 270 илјади претпријатија ширум светот. 85% од бизнисите на фирмата се поврзани со странство.

Слични содржини