МОН: Учениците и студентите да го продолжат правото на користење стипендија согласно рокот наведен во потпишаниот договор

од Берта Китинска
162 прегледи

Министерството за образование и наука упатува апел до сите корисници на некоја од категориите на стипендии за средношколци и за студенти запишани на додипломски студии од прв циклус на високообразовните установи во земјата, доколку ги исполнуваат условите за продолжување на правото на стипендија, потребните документи да ги достават согласно рокот кој е наведен во потпишаниот договор.

Имено, рокот за продолжување на правото на ученичка стипендија е од 1ви до 30ти септември 2021 година. Секој корисник на стипендија треба да достави потврда за редовен ученик за учебната 2021/2022 година и копија од последното свидетелство.

Додека, рокот за продолжување на правото на студентска стипендија е од 1ви до 31ви октомври 2021 година. Секој корисник треба да достави потврда за запишан нареден семестар, односно година на студирање и уверение/потврда за предвидени и положени испити со успех од претходните години и индекс на увид, како докази дека има положено 80% односно 90% (зависно од типот на стипендија кој го користи) од предвидените испити, односно дека го одржал просечниот успех на студирањето, согласно договорот за стипендија.

Документите се доставуваат електронски со прикачување на соодветната документација на  http://e-uslugi.mon.gov.mk, а доколку ученикот, односно студентот не е во можност да достави електронски, документите се доставуваат преку писарницата на Министерството за образование и наука или по пошта (препорачана пратка со повратница) на адреса: бул. „Св. Кирил и Методиј“ бр.54, 1000 Скопје или директно во Министерството.

Слични содржини