МОН за два дена примило десетина пораки за врсничко насилство

од Nikola Popovski
206 прегледи

Од Министерството за образование и наука попладнево информираа дека на eлектронската адреса „[email protected]“ и „[email protected]“ на албански јазик изминатите два дена пристигнале 10-тина пораки. Се истакнува дека дел од нив се однесуваат на врсничко насилство, а има и од поранешни професори, со сугестии како да се превенира и намали насилството меѓу децата и младите од училишна возраст.

-Со отворањето на електронската адреса, Министерството за образование и наука воспоставува брз, доверлив и безбеден начин, преку кој учениците, родителите и граѓаните можат да пријават инциденти, како дел од системот за идентификување и запирање на непосакуваните однесувања. Министерството веќе изработува протоколи и насоки за стручните служби на училиштата и наставниците, поврзани со употребата на социјалните мрежи во училишна средина. Само со заеднички напори на сите чинители во воспитувањето и образувањето на децата можеме да се избориме за здрава младина и безбедни училишта, порачуваат од МОН.

Вчера беше објавено дека МОН ќе ѝ предложи на владата и безбедносните органи да извршат итна проценка на состојбите и безбедносните ризици, кои во голема мера се потхрануваат од одредени социјални мрежи, како што е ТикТок.

-Земајќи ги предвид случувањата во соседна Србија, а со цел намалување на сите можни ризици и закани за безбедноста на учениците и наставниците во училишна средина, на Владата на Северна Македонија и безбедносните органи ќе им предложам итна проценка на состојбите и безбедносните ризици, кои што во голема мера се потхрануваат од одредени социјални мрежи, како ТикТок, информира министерот Јетон Шаќири.

Слични содржини