Спортскиот директор на Астон Вила, Мончи призна дека клубот од Бирмингем е заинтересиран за талентираниот играч за врска на Реал Мадрид, Арда Ѓулер. 20-годишниот Турчин оваа сезона одигра само 1.088 минути за „белите“, но ја изрази својата амбиција да остане на „Сантијаго Бернабеу“ и да се бори за своето место во тимот.
„Добро го познавам затоа што тој е играч кој секој спортски директор го следи откако ја напушти Турција. Има многу квалитети кои и се потребни на Астон Вила и може да ни биде привлечен затоа што бараме играч на таа позиција. Тоа не е иста позиција како таа на Марко Асенсио. Бараме играч кој може да игра меѓу редови, како број 10, но и да игра доволно добро на крилните позиции, влегувајќи внатре. Тој е играч со многу добри технички квалитети, но мислам дека има и силен карактер, кој го покажува додека игра за репрезентацијата. Таму тој презема улоги кои не се типични за неговите години“, изјави Мончи.
За Ѓулер се заинтересирани и Манчестер Сити и Арсенал.