Во девет училишта вчера беа завршени проверките и е утврдено дека пријавата за поставена бомба е лажна информираат од МВР.
Од МОН информираат дека училишните раководства кои се надлежни за организирање на непречен воспитно образовниот процес треба да се грижат и за безбедноста на учениците.
-Училиштата имаа раководства кои се надлежни за организирање на непречен воспитно – образовен процес, а тоа значи и обврска да се грижат за безбедноста на учениците додека престојуваат во објектите. Општините, МОН и МВР секогаш излегуваат во пресрет кога е потребна било каква дополнителна поддршка, затоа што најдобрите интереси на учениците и воопшто на младите се секогаш приоритет на институциите на системот, појануваат од МОН за „Локално“.
Во врска со изгубените часови оттаму информираат дека секој наставник индивидуално ќе најде начин како зда го надомести тоа што е пропуштено.
-Со оглед на тоа што во ситуацијата се работи за неколку загубени наставни часови во неколку училишта, секој наставник индивидуално наоѓа начин како за време на наставата во првото полугодие ќе го надомести тоа што е пропуштено, посочуват од МОН.
Вчера и завчера, мејлови со заканувачки содржини за поставени бомби беа испратени за средните училишта „Јосип Броз Тито“, „Никола Карев“, „Раде Јовчевски Корчагин”, „Орце Николов”, АСУЦ „Боро Петрушевски” и други.
Заканите за поставени бомби во училиштата се монструозен чин
Во најмала рака дојавите за поставени бомби во скопските средни училишта се чин кој е монструозен и веројатно е дел од хибридните напади на кои сме изложени како држава, изјави во издание на „Вин Вин“ со Оливера Трајковска, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
-Ќе се анализираат причините и ќе дознаеме зошто е тоа така. Дали се политички, дали се геостратешки, можеби и бизнис причини. Во оваа фаза ние практично ги знаеме мејловите. Знаеме од каде се пратени. Ги знаеме точните податоци во оваа насока и на тоа работиме интензивно. И ние и заедно секако со нашите партнерски служби. Се со цел да дојдеме до сторителот, изјави Спасовски.
Очигледно е дека имаме еден атак, додаде Спасовски, посочувајќи дека тоа се случувало и во опкружувањето, но тоа не значи дека не треба да се спроведува интензивна истрага, пред се заради вознемиреноста и неспокојот кај децата, наставниот кадар во училиштата, но секако и кај родителите на учениците.
-Сите капацитети кои ни стојат на располагање и човечки и материјално-технички, се ставени во функција и од државата и секако сите капацитети кои што можат да ни ги понудат нашите партнери ќе бидат ставени во функција, без разлика која е причината и природата на заканата, порача Спасовски во Вин-Вин.
Според министерот за внатрешни работи, заканите за поставени бомби само ја потврдуваат важноста на заштитата од сајбер-криминалот.