Монтела: Австрија е веројатно најдобрата екипа на ЕП

од Vladimir Zorba
32 прегледи

Селекторот на Турција, Винченцо Монтела знае дека без капитенот Хакан Чалханоглу и дефанзивецот Самет Акајдин ќе мора да прави чуда на вечерашниот натпревар од осминафиналето на ЕП против Австрија за која смета дека е најдобрата селекција на Евро 2024 година.

Последниот натпревар меѓу Турција и Чешка беше неизвесен, а избраниците на Монтела добија дури 11 жолти картони! Чалханоглу и Акајдин нема да играат вечерва поради акумулирани картони.

„Секогаш сакам сите играчи да можат да играат. Остануваме без двајца фудбалери, кои се незаменливи. Секако, тоа малку ме загрижува, но верувам дека имаме уште некои играчи кои се подготвени добро да си ја завршат работата“, изјави италијанскиот стручњак на прес-конференцијата.

Монтела причина за оптимизам гледа и во офанзивниот настап на неговиот тим во групната фаза. Турците постигнаа пет гола со пет различни играчи. Немаше автоголови и пенали. Турција е и на трето место по вкупен број на удари во просек по натпревар – 16,67.

„Во поседот на топката ни оди одлично, одлично се снаоѓаме и пред голот“, додаде тој.

Впрочем, поранешниот напаѓач на Рома знае колку е силна Австрија. Турција во март во пријателски натпревар беше поразена од вечерашниот ривал со дури 6:1. Австријците го освоија првото место во групата со Франција, Холандија и Полска.

„Тие се комплетен тим и веројатно најдобриот тим на ова Евро. Ова е тим кој притиска многу високо и агресивно, а во исто време и постојано. Одлични се во транзиција, во различни фази од играта. Ме потсетуваат на клупски тим, бидејќи умеат да ги препознаат сите различни ситуации во текот на играта“, изјави Монтела.

Монтела се надева на голема партија од Арда Ѓулер, кој стана најмладиот играч кој постигнал деби гол на Европското првенство со 19 години и 114 дена – рекорд кој претходно го држеше Кристијано Роналдо.

„Тој е многу талентиран и тоа е очигледно. Секако, има одредени области од неговата игра кои треба да ги подобри, но тешко е да го оставите настрана бидејќи е меѓу најдобрите. Кога играме без Арда го чувствуваме отсуството“, изјави селекторот на Турција.

Турција, која играше во полуфиналето на Европското првенство во 2008 година, во Германија дојде многу мотивирана. По победата над Грузија (3:1), следуваше пораз од Португалија (3:0) и тесна победа од Чешка (2:1), во меч во кој долго време имаше играч повеќе.

Мерт Малдур е оптимист пред средбата со Австрија, и верува дека тимот ќе има голема поддршка од трибините.

„Во претходните натпревари бевме силно поддржани од нашите фанови. Се надеваме дека така ќе биде и сега и дека ќе доживееме слични емоции“, коментира тој.

Слични содржини