Поранешниот тренер на Милан, Винченцо Монтела даде придонес во развојот на новата ѕвезда на „росонерите“, Патрик Кутроне.
Кутроне дебитираше за Милан токму кај Монтела во почетокот на сезоната, а од почетокот на годината прави силни натпревари и се претври во главен реализатор за тимот, предводен од Џенаро Гатузо.
„Среќен сум што Кутроне доби покана за репрезентацијата на Италија. Се чувствувам, сеедно како мене да ме повикале. Во голема мера сметам дека Кутроне е моја креација. Работевме многу со него. Најголемиот негов квалитет е огромната желба да се подобрува и тоа ќе го одведе далеку. Тој е иднината на италијанската репрезентација“, рече Винченцо Монтела во интервју за радио „Анкио Спорт“.
Монтела, сега шеф на шпанска Севиља, верува дека не успеал во Милано поради немање трпеливост.
„Имавме 10 нови играчи кои доаѓаат од други првенства, од кои повеќето без меѓународно искуство. Многумина очекуваа брзи резултати, но на играчите им треба време за адаптација. Требаше да има повеќе трпение од раководството“, рече уште Монтела.