Морачанин останува на чело на ДОМ

од Nikola Popovski
249 прегледи

На Петтиот Конгрес на Зелената партија ДОМ, кој се одржа денеска во Александар палас во Скопје, за претседател на партијата повторно и едногласно е избрана досегашната лидерка, Маја Морачанин.

Заблагодарувајќи се на довербата, Маја Морачанин нагласи дека ДОМ и во иднина ќе биде активен и конструктивен фактор во политичкиот пристап за решавање на сите општествени проблеми и прашања.

-Политиката на Зелената партија ДОМ не треба да се врзува само со еколошките теми и климата, туку и со почитувањето на човековите права, социјалните права, недискриминацијата, како и со политиките за развој на зелената економија, истакна Морачанин.

Делегатите на Конгресот (309), исто така, едногласно го избраа и новиот состав на Централниот и Надзорниот одбор на партијата, а беа усвоени и Извештајот за работата на ДОМ во периодот од 2018 до 2022 година, како и Предлог-програмата за работата на Зелената партија ДОМ во периодот до 2026 година.

Пред делегатите и многубројните гости од другите партии, пратеници и претставници од Владата, на почетокот на Петтиот Конгрес на ДОМ, се презентираа и поздравни говори на претставници на Европските зелени од повеќе земји-членки на ЕУ, како и на зелени партии од земјите во регионот. Тие јасно ја изразија поддршката за продолжување на Северна Македонија на патот кон Европската унија и поддршката на придонесот на Зелената партија ДОМ, што го дава во таа насока.

Ова е втор мандат на Морачанин на чело на ДОМ, откако во 2018 година ја наследи тогашната претседателка Лилјана Поповска.

Слични содржини