Напаѓачот на Атлетико Мадрид, Алваро Мората практично го потврди претстојниот трансфер во Милан. Во последните денови на големо се шпекулира дека европскиот првак со Шпанија ќе преземе правец „Сан Сиро“, а трансферот може да се смета речиси извесен, доколку играчот претходно ги помине задолжителните лекарски прегледи.
„Морам уште да ги поминам прегледите, но да, одам во Милано. Се поздравив со соиграчите, важно ми беше да им се заблагодарам за се и за начинот на кој ми помогнаа. Му се заблагодарив и на тренерот, како и на Мигел Анхел Хил, Карлос Бучеро, Андреа Берта… Имаше многу моменти кога не се чувствував добро. Кога сте на место каде од многу причини не можете да дадете 100% од себе, подобро е да си заминете. Не сакам да те лажам. За мене, освојувањето на титулата со Атлетико е како освојување на Европското првенство. Го носев логото на Атлетико на моите копачки во текот на целиот турнир“, рече Мората.
Овие зборови 31-годишниот напаѓач ги сподели со новинарите кои го чекаа на тренингот на Атлетико Мадрид. Мората ги спакува куферите и ја напушти базата на „јорганџиите“, а деенска се очекува да отпатува за Милано каде ќе ги помине прегледите и ќе го потпише договорот со „росонерите“. Милан ќе ја плати неговата откупна клаузула која е вредна 13 милиони евра.
Тоа ќе биде своевидно враќање за Мората во Серија „А“, каде што играше за Јувентус помеѓу 2014 и 2016 година, а потоа и помеѓу 2020 и 2022 година. Повторно му се обратија за трансфер во „бјанконерите“, а имаше понуда и од Ал Кадиса, но тој повеќе сакаше да замине во Милан.