Поранешниот полски премиер Матеуш Моравјецки рече дека ги поддржува напорите на унгарскиот премиер Виктор Орбан да ги одврати „бруталните обиди за уцена“ од ЕУ и рече дека е отворен за можноста партијата Фидес на Орбан да се приклучи на политичката групација на европските конзервативци и реформисти (ЕЦР) во Европскиот парламент (ЕП) по изборите во јуни.
„Не сум сигурен дали би можело да има какви било промени пред европските избори. По изборите, јас лично сум отворен за Фидес да се приклучи на нашата група ЕЦР, што секако би било дел од дискусиите и преговорите“, рече Моравјецки на прес-конференција во Европскиот парламент.
Моравјецки нагласи дека на унгарската влада, а особено на Орбан, останува прво да побара да се приклучи, а потоа на ЕЦР е да ги прифати, пренесува „Политико“.
Тој силно ја поддржа Унгарија во нејзиниот конфликт со другите земји-членки на ЕУ околу исплатата на финансиска помош за Украина, за што лидерите на ЕУ ќе разговараат утре во Брисел.
Моравјецки оцени дека има обиди за уцена на Унгарија и им порача на унгарската влада и на Орбан дека ги поддржува неговите напори за одбрана од „бруталните обиди за уцена“.
„И тие целосно ги прекршуваат сите стандарди на процедурата. Мислам дека ЕУ не треба да функционира така, дефинитивно не“, додаде Моравјецки.
Полската партија Право и правда сочинува голем дел од конзервативната и реформистичката група во ЕП, додека 12-те европратеници на Орбан во моментов не припаѓаат на ниту една групација, откако неговата партија Фидес се повлече во 2021 година од десноцентристичката Европска народна партија (ЕПП).
Во декември, Орбан рече дека преговорите со ЕЦР се во тек, но дека постои скептицизам за можноста за здружување на силите бидејќи не постои согласност меѓу Полска и Унгарија за поддршката за Украина.