Морничава глетка во Киев: Стотици илјади граѓани го напуштаат градот поради студот и руските напади

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, соопшти дека повеќе од половина милион луѓе го напуштиле украинскиот главен град по неговиот повик за привремено иселување, поради интензивните руски напади врз клучната енергетска инфраструктура.

од desk4
24 прегледи

Според Кличко, околу 600.000 жители заминале од 9 јануари наваму, откако напади со дронови и ракети предизвикаа масовни прекини во снабдувањето со електрична енергија, вода и греење. Сето тоа се случува во услови кога температурите се спуштаат и до минус 20 степени Целзиусови.

Во интервју дадено за АФП, додека во позадина се огласувале сирени за воздушна опасност, Кличко изјави дека значителен дел од населението веќе го напуштил градот, кој вообичаено брои околу 3,6 милиони жители. Тој повторно ги повика сите кои имаат можност за алтернативно сместување да заминат, со цел да се намали притисокот врз енергетската мрежа.

„Температурата е речиси минус 20 степени, а Путин го користи тоа за да го скрши отпорот, да внесе депресија и да создаде тензии во општеството“, изјави Кличко, алудирајќи на рускиот претседател Владимир Путин.

Руските напади на 9 јануари доведоа до тоа околу половина од станбените згради во Киев, приближно 6.000 објекти, да останат без греење. Оттогаш следуваа уште неколку масовни напади, вклучително и во ноќта пред интервјуто, кога стотици илјади граѓани повторно останале без струја, вода и топлина.

Долготрајните прекини во снабдувањето со електрична енергија станаа секојдневие уште од 2022 година, кога руските сили започнаа систематски напади врз украинските енергетски капацитети. Дел од жителите велат дека струја имаат само еден до два часа дневно, а понекогаш и воопшто ја нема. Новинарите на АФП јавуваат дека голем број продавници и ресторани се затворени, семафорите не функционираат, а ноќното улично осветлување во одредени делови од градот е целосно исклучено.

„Можете да замислите како е кога немате струја, немате вода дома, не можете да се истуширате, радијаторите се ладни. Ситуацијата е исклучително критична“, рече Кличко. „Се бориме да преживееме и да им обезбедиме на луѓето основни услуги, греење, вода и електрична енергија“, додаде тој.

Кличко, кој е градоначалник на Киев од 2014 година, се соочува и со критики од кабинетот на украинскиот претседател за начинот на кој градските власти одговараат на кризата. Тој вели дека долгорочно решение би било изградба на целосно нов енергетски систем, но нагласува дека тоа е невозможно додека трае војната.

Поправките на оштетената инфраструктура дополнително се отежнати од екстремно ниските температури и постојаните воздушни тревоги, кои ги принудуваат работниците често да бараат засолниште. „Во моментов сè зависи од противракетните системи“, заклучи градоначалникот, нагласувајќи дека одбраната од нови напади е клучна за опстанокот на градот.