Шефот во заминување на израелската разузнавачка агенција Мосад, Јоси Коен, наговести дека земјата е одговорна за серија напади врз иранската нуклеарна програма, вклучувајќи го и убиството на иранскиот нуклеарен научник Мохсен Фахризаде и експлозијата во подземната хала за центрифуги во фабриката во Натанц.
За истражувачката програма на Канал 12, Коен откри детали за операциите што одамна му се припишуваат на Израел.
Според „Гардијан“, неговите изјави може да бидат предупредување и за другите научници кои работат за иранската нуклеарна програма дека и тие можат да бидат мета на атентати, дури и кога дипломатите во Виена се обидуваат да преговараат за услови за спасување на нуклеарниот договор на Иран со светските сили.
– Ако некој научник е подготвен да ја промени својата кариера и повеќе да не ни штети, тогаш, да, понекогаш ние му нудиме излез – рече Коен.
Тој призна дека Мосад стои зад некои операции, меѓу кои е и кражбата на архивата на нуклеарни документи во 2018 година.
Тој негираше дека неговата „блискост“ со премиерот во заминување Бенјамин Нетанјаху и неговиот потесен круг го загрозиле Мосад.
– Знам дека ја плаќам цената за мојата блискост со Нетанјаху и дека односот на доверба што го имам со премиерот е многу корисен за бизнисот на Мосад и нејзиниот развој. Јас работам за највисоките цели, а не за премиерот – рече Коен.
Јоси Коен минатата недела поднесе оставка од функцијата шеф на Мосад.
Тој беше назначен на оваа позиција од Нетанјаху во 2015 година.