Москва ги повика косовските власти да ги повлечат полициските сили

од Nikola Popovski

Москва денеска изрази голема загриженост поради влошување на ситуацијата во северно Косово и ги повика косовските власти веднаш да ги повлечат полициските сили од тој дел.

Понатамошното зголемување на тензиите се заканува да предизвика сериозни проблеми и да ја поткопа стабилноста на Балканот, се вели во соопштението на руското Министерство за надворешни работи.

„Очекуваме дека американските и европските покровители на Приштина на крајот ќе најдат начин да ги отрезнат своите штитеници со цел да избегнат деструктивно сценарио што го загрозува целиот регион“, се вели во соопштението.

Руското министерство наведува дека приштинската полиција „под измислени причини“ го спречува движењето на транспортот преку административната граница со централниот дел на Србија, применувајќи „насилство врз цивили“.

„Во суштина, тоа е обид на локалните Албанци да заземат територија со српско население и да воспостават нивна контрола. Овие акции се провокација насочена кон продолжување на етничкото чистење и истерување на Србите од Косово“, велат од руското МНР.

Се оценува дека КФОР и ЕУЛЕКС повторно не се способни или подготвени да ја исполнат својата функција за одржување мир и безбедност.

Слични содржини