Русија очекува Светската здравствена организација (СЗО) и ЕУ да ја одобрат руската вакцина „Спутник V“ против Ковид-19, изјави портпаролот на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
Таа посочи дека побарувачката за руска вакцина е доста голема во странство и дека Русија секојдневно добива барања за испорака на вакцини или потврда за одобрување на „Спутник V“.
– Досега 57 земји ја одобрија вакцината на билатерална основа, 21 купиле вакцини, а некои земји се подготвени да започнат со производство на нивна територија. Очекуваме СЗО и ЕУ да ги завршат процедурите за одобрување на употребата на „Спутник V“ – рече Захарова.
Захарова спомена дека позитивните реакции на странските официјални лица стануваат се почести, и дека медиумите објавуваат се повеќе и повеќе непристрасни податоци за руската вакцина, пренесе ТАСС.
Русија на крајот на јануари поднесе барање до СЗО за одобрување на употребата на руската вакцина. Европската агенција за лекови (ЕМА) на почетокот на март објави дека започнала со тестирање на вакцината, со цел да се процени дали е во согласност со вообичаените стандарди на ЕУ кога станува збор за ефикасноста, безбедноста и квалитетот.
„Спутник V“ моментално е меѓу трите одобрени вакцини во повеќето земји во светот.