Политиката на НАТО за превенирање, што се применува кон Русија, ги зголемува ризиците од „потенцијални конфликти во евроатлантската зона“, се наведува во соопштението на руското Министерство за надворешни работи.
– Навистина треба да констатираме дека односите меѓу Русија и НАТО се на најниско ниво од крајот на Студената војна. Западните земји избраа една затворена и насочена НАТО архитектура на безбедност. Таквата политика е последица на долгорочната стратегија за политичко и воено запирање на Русија, се посочува во соопштението.
Руското Министерство за надворешни работи истакнува дека САД се уште ја применуваат „Доктрината на Труман“ за стопирање на експанзијата на советското влијание.
– Директна последица од тоа би било зголемување на потенцијалните конфликти во евроатлантската зона, се наведува во соопштението.
Руското Министерство за надворешни работи ги критикува и „мерките за интензивирање на способностите на источното крило на НАТО во близина на руските региони“.
– Односите меѓу Русија и НАТО во голем степен го определуваат квалитетот на европската и меѓународната безбедност. За жал митот за заканата, која доаѓа од Исток, ги спречува државите да ги обединат напорите во борбата против заедничките закани и предизвици, се потенцира во соопштението.
Соопштението на руското Министерство за надворешни работи уследи по самитот на НАТО, кој во голема мера беше посветен на борбата против тероризмот./МИА