Москва: Продолжуваат преговорите со Вашингтон за создавање заедничка работна група за кибер безбедноста

од desk2
62 прегледи

Москва и Вашингтон ги продолжуваат преговорите за создавање заедничка работна група за кибер безбедност, при што двете земји се свесни дека тоа прашање треба да биде решено, изјави денеска Андреј Крутских, специјален претставник на Кремљ за меѓународна соработка во областа на информатичката безбедност.

Како што јави ТАСС, според него, ниту Вашингтон, ниту Москва не ја негираат неоходноста од тие преговори, кои се „рутинска дипломатска работа, која треба да даде резултат“.

Крутских посочи дека по прашањето за кибер безбедноста Русија и САД се наоѓат на истата страна, но порача да не се драматизира процесот за создавање на работната група.

– Тој процес несомнено се одвива мошне тешко, но тоа се проблеми на американската Администрација, а не на нашата, рече рускиот специјален претставник за кибербезбедноста.

Претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин на средбата минатата недела во Хамбург разговарале за создавањето на работна група за кибер безбедност.