Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков денеска изјави дека во Москва се спроведуваат мерки за противвоздушна одбрана, а доказ за тоа е соборувањето на сите украински беспилотни летала кои синоќа беа лансирани за напад на руската престолнина.
„Како што знаете, беспилотните летала се неутрализирани и се преземаат дополнителни мерки во оваа насока. Што се однесува до развојот на заштитниот систем и обезбедувањето негово поинтензивно дејствување, тоа е работа на министерството за одбрана“, рече Песков, пренесува ТАСС.
Според него, сите служби кои ја обезбедуваат безбедноста на Крим и другите руски региони ги преземаат неопходните мерки во услови на зголемени напади со украински беспилотни летала.
„Сите што работат на безбедноста на нашите региони се во состојба на готовност и преземаат соодветни мерки“, рече Песков, коментирајќи го обидот за напад со беспилотно летало на Крим.
Тој изјави дека руската специјална воена операција ќе продолжи се додека не се постигнат зацртаните цели.