Русија ќе носи одлуки во врска со враќањето на странските брендови на домашниот пазар земајќи ги во предвид интересите на рускиот бизнис, а условите под кои ќе се вратат западните компании ќе бидат различни од досега, изјави министерот за економски развој Максим Решетников. Како што рече, заминувањето на странски компании отвори неверојатни можности за руските компании, како и за компаниите од пријателските земји, кои целосно ја искористија ситуацијата, пренесува Спутник.
– Благодарение на програмите за државна помош, вклучително и во секторот за мали и средни бизниси, руските компании успеаја за кратко време да ги пополнат сите празнини и да ја зголемат понудата на стоки и услуги – рече Решетников.
Тој изјави и дека руските компании направиле огромни инвестиции за да ги пополнат сите празнини на пазарот создадени со заминувањето на странските компании.
– Сега е многу важно да се осигураме дека овие инвестиции се исплатат. Важно е да се земат предвид потребите на клиентите и корисниците на услуги, да се одржуваат пазарните цени и да се обезбеди фер конкуренција. Во оваа смисла, рускиот пазар ќе остане отворен. Сите одлуки ќе се носат поединечно, земајќи ги предвид сите фактори. Очигледно е дека руската економија е променета, затоа сите услови за доаѓање на странски компании, без разлика дали се работи за локализација, инвестиции или технологии, ќе бидат сосема поинакви – објасни министерот.
Напуштањето на рускиот пазар имаше повеќемилионски трошок за западните брендови. Комбинираните загуби на најпопуларните компании изнесуваат дури 13,6 милијарди долари, пресмета РИА Новости по проучувањето на нивните финансиски извештаи. Од материјална гледна точка, повлекувањето од рускиот пазар најмногу ги погоди индустриите за алкохол, тутун и брза храна.