Граѓанската организација МОСТ која ги следи изборите, објави извештај за периодот од 25 септември до 4 октомври, во кој пишува дека досега во кампањата биле забележани неколку изолирани случаи на злоупотреба на јавни ресурси, најчесто од градоначалници кои се кандидати на изборите.

„Забележан е притисок за присуство на партиски настан во една општина и организирање на партиски настани во текот на работното време во две општини од страна на градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ, како и еден случај на уценување за гласање за независен кандидат“, пишува во извештајот до медиумите.
„Сведоци бевме и на демолирање на 10 изборни штабови на четирите најголеми политички партии во 8 општини и уништување на пропаганден материјал во 6 општини“, се додава во извештајот на МОСТ. Од оваа организација известуваат дека дел од одлуките на Државната изборна комисија биле донесени на седници за кои набљудувачите не биле информирани. Дополнително, ДИК не ги усвојувала своите записници навремено, што оневозможило целосен увид во нејзината работа, а дел од усвоените одлуки и извештаи не биле објавени на нејзината веб-страница.
Поради погрешна инструкција од надлежните лица, три општински изборни комисии избрале членови со понизок степен на образование од потребниот, а три ОИК во одредени моменти од постапката избирале членови на ИО без потребниот кворум од најмалку 3 членови.
„Во текот на кампањата се случи инцидент во кој градоначалник и кандидат на изборите беше повреден во физичка пресметка помеѓу две групи. За поздравување е брзата реакција на МВР во разрешувањето на овој случај. Покрај ова, во периодот што измина се случи и престрелка во која беше повреден носител на независна кандидатска листа, кој подоцна им подлегна на повредите. Според изјавата на министерот за внатрешни работи, престрелката не била поврзана со изборите“, пишува во извештајот на МОСТ.