Изминативе неколку месеци црната статистика е полна со извештаи за загинати и повредени мотоциклисти во сообраќајни незгоди. Топлото време, почетокот на мото „сезоната“ и намалениот сообраќаен метеж поради корона кризата беше „неодолив“ предизвик за голем број мотоциклисти. Зголеменото присуство на мотоциклистите во сообраќајот само по себе не значи загрозување на безбедноста во сообраќајот доколку сите мотоциклисти се одговорни учесници во сообраќајот и доколку сите возачи покажуваат почит кон мотоциклистите како рамноправна и ранлива група на учесници во сообраќајот.
Црната статистика за настрадани мотоциклисти во сообраќајни незгоди изминативе месеци загрижува. Загрижуваат и статистичките податоци од минатите години кои покажуваат дека во Македонија мотоциклите претставуваат до 2 % од вкупниот број возила, учесници во патниот сообраќај, а приближно 10% од вкупниот број на загинати лица во сообраќајни незгоди се мотоциклисти. Несоодветната брзина на возење и неупотребата на заштитна опрема и заштитен шлем се издвојуваат како главни причини за трагичните последици од сообраќајните незгоди во кои учествуваат мотоциклистите.
Согласно наведеното, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата со совети до мотоциклистите:
· Носете заштитен шлем (кацига), рефлектирачки елек и друга заштитна опрема
· Намалете ја брзината
· Користете ги трепкачите
· Одржувајте растојание
· Користете ги двете сопирачки
· Избегнувајте „мртви агли“
· Не возете слалом и престигнувајте правилно
· Не возете под дејство на алкохол и други психотропни супстанци
· Управувајте го возилото на начин на кој не се намалува неговата стабилност.
Вистинските мотоциклисти, вистинските љубители на мотоциклите се внимателни и одговорни учесници во сообраќајот и редовно користат кацига и друга заштитна опрема. Но, не е мал бројот и на оние мотоциклисти кои сакаат да доминираат во сообраќајот, кои сакаат да се истакнат со брзо возење, со слалом возење, со непочитување на сообраќајните знаци, непочитување на правилата на првенство на минување, поминување на црвено светло на семафор итн.
Затоа, РСБСП со апел до љубителите на мотоциклот: Биди вистински мотоциклист, секогаш користи кацига, заштитна опрема и почитувај ги сообраќајните правила и прописи. Покажи како треба и како се сакаат „двете тркала“!