Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден го повика Израел да не започнува воена кампања против Хезболах, бидејќи официјален Вашингтон работи на спречување на ширењето на актуелната војна надвор од Појасот Газа, тврдат за „Тајмс оф Израел“ двајца неименувани функционери запознаени со ова прашање.
Тие потврдија дека САД признаваат дека Израел мора да одговори на зголемените напади на Хезболах на нејзините северни граници.
Сепак, повторените напади на либанската проиранска екстремистичка група Хезболах и фактот дека Израел не го очекуваше нападот на Хамас од Газа на 7 октомври, ги интензивираа дискусиите за тоа дали Израел треба да го интензивира конфликтот со Хезболах ако има намера да ја задржи својата предност.
САД го предупредија Израел да биде внимателен во своите воени одговори на огнот на Хезболах, објаснувајќи дека грешка на израелската војска во Либан може да предизвика многу поголема војна, рекоа официјални лица.
Тие велат дека ова прашање предизвикува загриженост во САД, кои ги предупредија Хезболах и Иран и преку приватни и јавни канали да не отвораат војна на северниот фронт на Израел.
Додаваат дека претставници на администрацијата на Бајден му потврдиле на Израел дека американската војска ќе ѝ се придружи на израелската ако Хезболах започне војна против Израел.