По повод најавата дека на 25 септември ќе се одржи референдумот во Република Српска заради славење на 9 јануари како Ден на овој ентитет, кој Уставниот суд на БиХ го прогласи за неуставен, писмо на повеќе адреси упатија група пратеници од Собранието на БиХ. Тие јавно бараат изјаснување на Високиот претставник на меѓународната заедница и од амбасадори на повеќе земји, сведоци на Дејтонскиот мировен договор (САД, ЕУ, Велика Британија, Франција, Германија и Русија). 
Покрај другото, потенцирајќи дека „закажаниот референдум е директен обид за уривање на Уставот” и ги повикуваат меѓународните претставници „да се вклучат во спречување на последиците на таквото делување”.
Одлуката за спроведување на референдум во РС е од политичка природа, а на правен терен, целосно е јасно дека за одлуката на Уставниот суд не може да се расправа, освен за начинот на нејзиното спроведување, потсетува судијата од Судот за човекови права во Стразбур од БиХ, Фарис Вехабовиќ.
„Спроведување на референдум за прашање кое се однесува на почитување на судска пресуда е апсолутно неприфатливо, каде било во демократскиот свет. Тоа е основна работа. Правењето на преседан во тој дел е многу опасно, многу опасно по уставниот поредок. И ваквиот Устав каков што е, со многу слаби државни овластувања, со многу корумпирана власт во Босна и Херцеговина, нефункционална држава… само уште треба и тој простор на делување на Уставниот суд да се намали. Тогаш дефинитивно можеме да кажеме дека Босна и Херцеговина како држава повеќе ја нема. Тоа е таа опасност која се наоѓа во овој референдум, или било кој друг референдум кој би се однесувал на прашањата за надлежностите на БиХ. Значи, тука се работи само за надлежноста на Уставниот суд, која јасно е утврдена со членот 6 од Уставот на БиХ. И тоа е цела приказна” – наведува Вехабовиќ.
Група пратеници од бх. Парламентот од Федерацијата бараат од Високиот претставник и другите меѓународни претставници по активно да се вклучат и да го спречат одржувањето на референдумот. Еден од потписниците на отвореното писмо, Денис Беќировиќ вели:
„Се работи за најтежок напад на уставниот поредок на Босна и Херцеговина од 1995 година до денес. Навистина е загрижувачки, денес, би рекол, 18 ден откако трае обидот на ентитетски удар на уставниот поредок и уставниот систем на БиХ. Многу јасно ја повикуваме меѓународната заедница и нејзиниот Висок претставник во Босна и Херцеговина, со порака дека е крајно време да го заштитат мирот, мировниот процес и Дејтонскиот мировен договор во БиХ. Крајно време е меѓународната заедница во пракса да не користи празни зборови и фрази на терен на правото” – вели Беќировиќ.
Меѓу пратениците од Република Српска, ова писмо како и претходните Иницијативи на Претставничкиот дом за референдумот да се расправа на седница, дочекана е на нож. Младен Босиќ, претседател на Српската демократска партија и претседавач на овој дом кратко прокоментира: „Што се однесува до пратеникот Бечировиќ и неговите политички иницијативи, мислам дека тоа е насочено на политичка провокација, а не на решавање на проблемот”.
Пратениците на пратеничката група на Бошњаците во Народното собрание на РС, покренаа механизам за заштита на виталниот државен интерес на одлуката за одржување на референдум. Поддршка не добија во Советот на народот, но ентитетскиот Уставен суд ја прифати нивната иницијатива, за што ќе се изјаснат во рок од 30 дена. Потпретседателот на Народното Собрание Сенад Братиќ вели дека за Бошњаците 9 јануари како празник не е прифатлив.
„Ние мораме да кажеме дека тоа е ден кој е поврзан за седница на пратеници од редот на српскиот народ, 9 јануари 1992 година, дека е врзан за декларацијата за основање на српската држава Босна и Херцеговина. Мислам дека ова се два чекора наназад што се однесува до демократијата на овие простори. Јас сметам дека Денот на Република Српска треба да се бара во некој датум кој ќе биде прифатен од мнозинството граѓани на Република Српска, без оглед на нивната национална припадност. Факт е, се работи за прегласување, не на еден туку на два конститутивни народи” – изјави Братиќ.
Народното собрание на РС донесе одлука за одржување на референдум во неделата на 25 септември, а само седум дека подоцна во неделата на 2 октомври ќе се одржат локални избори во БиХ. Освен што според многу оценки, референдумот ќе послужи како инструмент за освојување на гласовите на гласачите, тој ќе ја влоши целата состојба во БиХ. Политичкиот аналитичар Пејо Гашпаревиќ вели:
„Нема никакви дилеми дека тој референдум ќе предизвика нови политички тензии и меѓунационални и меѓуентитетски во БиХ, а се чини дека и меѓународната заедница може посилно да се мобилизира од што беше случај до сега, каде се работи за еден вид на политички инает, не само на домашните политички структури, туку и на меѓународната заедница. А таа меѓународна заедница повеќе пати кажа дека такви референдуми не се потребни на БиХ, како и тоа дека се ризични и дека проблемите во БиХ треба да се решаваат на друг начин. Мојата проценка и моите сознанија велат дека меѓународната заедница може да покаже мускули и да преземе конкретни чекори, повеќе од вообичаените дипломатски изјави за нивната загриженост. Очекувам чекори кои би осуетиле создавање на еден неповолен политички амбиент кој би се прелил на целиот Балкан.
Значи, мој одговор е дека очекувам по остра реакција од меѓународната заедница, која нема да биде само реторичка” – вели Гашпаревиќ.
Како што пренесуваат агенциите, писмото до претставниците на меѓународната заедница го потпишале Денис Беќировиќ, Мирсад Мешиќ, Шемсудин Мехмедовиќ, Жељко Комшиќ, Менсур Бегановиќ, Салко Соколовиќ, Садик Ахметовиќ, Сенад Шепиќ, Дамир Веќировиќ, Јасмин Емриќ, Заим Бацковиќ, Диана Зеленика и Ханка Вајзовиќ.
Уставниот суд на БиХ на 26 ноември 2015 година донесе одлука со која се неуставни членовите на Законот за празниците на Република Српска, кои се однесуваат на 9 јануари како Ден на РС.
„Референдумот ќе се одржи и ќе биде запишан во историјата на народите и на Република Српска. И никој не може да го спречи” – речиси секојдневно изјавува претседателот на РС Милорад Додик.
Високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ, Валентин Инцко, референдумот за ентитетски ден го оцени како антидејтонски.
Радио Слободна Европа – Прага