Може ли Серија А да заврши како во 1964? – Тишина пред бура, Наполи и Интер чекорат кон непознато

од Љубиша Владимиров
50 прегледи

Само две кола пред крајот на италијанското фудбалско првенство, борбата за титулата е поинтересна од кога било. Наполи е на првото место со само еден бод повеќе од Интер, а ситуацијата е толку неизвесна што постои реална можност двата тима да ја завршат сезоната со ист број бодови.

Ако тоа се случи, титулата нема да се решава според вообичаените критериуми како меѓусебните дуели, гол-разликата или бројот на постигнати голови. Наместо тоа, ќе следува плејоф-натпревар за шампионската титула — нешто што досега се има случено само еднаш во историјата на Серија А, во далечната 1964 година, кога Болоња го победи Интер со 2-0 во Рим.

Плејофот ќе се игра на теренот на тимот кој ќе има предност според следните критериуми:

  1. Бодови од меѓусебните натпревари,

  2. Гол-разлика во тие натпревари,

  3. Вкупна гол-разлика во сезоната,

  4. Вкупно постигнати голови.

Меѓусебните дуели меѓу Наполи и Интер сезонава завршија 1:1, што значи дека тие критериуми се изедначени. Во моментот, Интер има подобра гол-разлика (+42) од Наполи (+30), што му дава мала предност доколку дојде до плејоф.

Во претпоследното коло, Наполи гостува кај Парма, а Интер го пречекува Лацио. Во последното, на 25 мај, Наполи ќе биде домаќин на Каљари, додека Интер ќе патува кај Комо. Сè уште ништо не е решено — Италија може да добие нов шампион, но и ретко виден спектакл за титулата преку плејоф-дуел!

Слични содржини