Локалните избори завршија со значителниот пораз на СДСМ, која веќе најавува сериозни кадровски промени и со веројатноста Левица да биде предводник на левиот спектар. Од друга страна, иако победата на кандидатот Орце Ѓорѓиевски е несомнена, сепак, по фактот што е избран со едвај 95.000 гласа, се наметнува прашањето дали ќе е градоначалник на Скопје и скопјани или градоначалник на членови на ВМРО-ДПМНЕ?
Политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски за „Локално“ вели дека веќе новоизбраниот градоначалник на главниот град, го зеде историскиот минимум за оваа партија, кога станува збор за победа во Скопје.
Тој е на ставот дека победата на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски е легитимна, но со ваков квантум на гласови е доказ дека не е „референдумски избран”, односно не е каква што беше победата на неговата партија на минатогодишните парламентарни избори.
-Ова е доказ дека гласале чисто партиските гласачи и симпатизери зад неговата кандидатура, а не некои неопределени. Во годините кои следуваат ќе видиме дали со својата работа, Ѓорѓиевски тоа ќе го поправи, поточно ќе остави подобар впечаток и ќе биде наметнат како „градоначалник на сите граѓани” или ќе остане на ова ниво на поддршка, вели Атанасоски.
По однос на тоа дали помалку гласови на Ѓорѓиевски се резултат на бојкотот на владиниот партнер ВЛЕН, Атанасоски потенцира дека сепак не станува збор за бојкот, туку за незаинтересираност да гласаат за него.
-Владините партнери ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН се во токсична врска. Нивното гласачко тело „од зорт” треба да се поддржува, а тоа се виде дека не функционира на контото на Ѓорѓиевски. Настаните во Општина Брвеница го покажаа тоа, вели Атанасоски.
Изборните резултати несомнено ја поставија дискусијата успеа ли Левица да покаже дека е предводник на левиот спектар и прва опозициска партија.

Фото: Локално
Атанасоски вели дека во главниот град со влезот на кандидатот Амар Мециновиќ во вториот круг и освоениот квантум на гласови, да, тој во очите на јавноста е како морален победник.
-Во однос на освоените гласови се уште не е предводник на опозицискиот лев спектар, иако во главниот град и урбаните скопски општини, особено по добрите резултати на кандидатот Амар Мециновиќ во општините Карпош и Центар, може да биде сериозен бастион урбаното градско јадро за оваа партија во иднина, вели Атанасоски.
Каде „плови бродот“ на СДСМ, откако по ваквиот изборен пораз, лидерот на партијата Венко Филипче најави кадровски промени, а универзитетската професорка Ана Чупеска поднесе оставка од функцијата потпретседателка.
Во контекст на ова прашање, Атанасоски вели дека бродот е „Титаник”, и тој не плови, туку тоне, а таканаречениот лидер се однесува како музичарите кои свиреа музика на палубата.
-Со неговата ноншалантност и беневолентност, не предвидувам ништо позитивно за СДСМ во годините, да не речам децениите кои следат. Една бавна и болна агонија од избори на избори. Треба целосен ресет и реструктуирање на партијата, но не на чело со него. Јас тоа го велам „рибата смрди од главата”, додава Атанасоски.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски за „Локално“ појаснува дека Орце Ѓорѓиевски е новиот градоначалник на Скопје и граѓаните го избраа него за градоначалник. Тука, како што вели, нема ништо спорно и воопшто не треба да се поставува прашање за легимитет.
Пекевски додава дека Ѓорѓиевски е легално избран на избори, каде секој граѓанин можел да го даде својот глас.

Фото: Јутјуб/Принтскрин/Косово онлајн
Тој сепак појаснува дека граѓаните се целосно разочарани од понудата на политичките партии, како и од нив целосно и тоа јасно го покажаа на изборите.
-На изборите гласаа само партиските членови и оние што мораа да гласаат заради поврзаност и зависнот од паритите (вработувања, бизниси, тендери). Но, граѓаните јасно ставија до знаење што мислат и веќе е јасно каде се движи овој „брод“. На секои избори се помал ќе биде бројот на граѓани кои ќе гласаат. Пропаднатите избори во општините Гостивар и Центар Жупа кажува се, ама баш се. За Орце гласаа подржувачите на ВМРО-ДПМНЕ и тоа се истите кои гласаа во првиот круг. Анализа дали ВЛЕН им дала поддршка или не, се гледа во бројките, додава Пекевски.
Тој е на ставот дека поддршката на Левица дополнително ќе расте, но потенцира дека нема да се позиционира како прва опозициска партија, туку допрва во опозиционскиот блок ќе има преструктуирање и очекува брзо да има нови субјекти кои ќе ја преземат таа улога.
Пекевски е на ставот дека СДСМ е условно веќе „мртва“ партија и на нив им треба сериозно преструктуирање, кое нема да се случи заради бизнис интереси.
Тој додава дека Венко Филипче нема да замине од позицијата претседател и со тоа само ќе се продлабочи кризата кај нив и ќе продолжи да тоне (иако е веќе потоната).
Како што потенцира, „козметички нијанси“ не поминуваат кај вистинските членови на СДСМ, а уште помалку кај граѓаните.
Б.Т.