Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека досега немаат остварено комуникација со новата Влада на Бугарија и очекува шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски да одржи средба со бугарскиот колега Георг Георгиев на маргините на Минхенската безбедносна конференција, која треба да започне на 14-ти февруари.
-Не, немаме остварено контакти со новата бугарска Влада. Очекувам сега на маргините на безбедносната конференција во Минхен министерот за надворешни работи да оствари средба со неговиот колега од бугарската Влада, но се уште нема потврда за такво нешто. Доколку се случи, се разбира, јавноста ќе биде информирана, изјави Мицкоски како одговор на новинарско прашање.
Премиерот Мицкоски минатата недела истакна дека очекува во наредниот период да се одржат средби со претставници на бугарската Влада за одблокирање на евроинтегративниот пат на државава.
Минатиот месец беше објавено дека Муцунски телефонски разговарал со новиот шеф на бугарската дипломатија. Како што објави на мрежата Икс, Муцунски во разговорот ја изразил решеноста за јакнење на партнерството и унапредување на соработката.
Муцунски на Георгиев му честитал и за назначувањето на функцијата.
-Имав пријателски прв телефонски разговор со Георг Георгиев, новиот министер за надворешни работи на Бугарија. Му го честитав назначувањето и ја изразив нашата решеност да го зајакнеме партнерството, да ја унапредиме соработката и заеднички да придонесеме за регионалната стабилност и заеднички напредок, напиша министерот на Икс.