Можни разговори меѓу Скопје и Софија на самитот на НАТО во Хаг во присуство на Руте и Фон дер Лајен

од Nikola Popovski
48 прегледи

Премиерот Христијан Мицкоски денеска се сретна и разговарал со високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, за можна средба со Бугарија за време на самитот на НАТО во јуни, на која, покрај Калас, ќе присуствуваат и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. Се очекува присуство и на претставници на САД.

„Оваа тема беше отворена со посетата на претседателот на Европскиот совет. За време на самитот на НАТО во Хаг, треба да има билатерална средба меѓу претставници од Македонија и Бугарија. Претседателката (Гордана Сиљановска-Давкова) ќе биде таму“, истакна Мицкоски.

Тој додаде дека таков состанок би можел да биде корисен, бидејќи двете страни би ги презентирале своите аргументи и бидејќи е потребно двете страни да седнат на маса и да разговараат, без разлика колку долго ќе трае тој разговор.

„Ние веднаш го прифативме тоа. Не знам каков е одговорот од Бугарија, но ние тоа го прифативме. И денеска повторно тоа заедно со госпоѓата Каја Калас разговаравме на таа тема и апсолутно ја потврдивме нашата определба да опстоиме на тоа што сме го кажале и го прифативме тоа. Разговаравме и со претседателката Сиљановска. Ќе се подготвиме најдобро што знаеме. И мислам добро да има таква средба, на која што ќе може да се слушнат аргументите од двете страни, посебно на маргините на НАТО Самитот, бидејќи како што беше и претходното прашање сето тоа има фоскус и на безбедноста во регионот. Како земја-членка на НАТО ние рефлектираме безбедност“, посочи Мицкоски.

Премиерот не даде дополнителни детали за можната средба со Бугарија во Хаг во јуни, но нагласи дека според него, европската интеграција треба да се темели на европски вредности, а не на билатерални прашања.

„Ние припаѓаме на ЕУ затоа што со децении градиме општество со демократски вредности, инвестираме, се жртвуваме, со надеж дека нашиот труд ќе биде награден“, нагласи Мицкоски.

„Подготвени сме, ЕУ може да смета на нас, но дојде време и ние да сметаме на ЕУ. Имаме право на појасна потврда, бидејќи не сите земји дејствуваат во европски дух. Затоа сакаме искрен став, сакаме Европа да демонстрира лидерство, да ја врати вербата во Европа кај младите луѓе, да покаже дека ЕУ не е затворена за нас, туку е жива“.

Калас, од своја страна, истакна дека ЕУ знае дека „постојат пречки“ и дека двајцата разговарале за механизмите за нивно надминување.

„Постои простор каде што можеме да направиме нешто, но засега нема да навлегуваме во детали“, додаде таа.

Европската претставничка денес е во посета на Скопје како дел од турнејата низ земјите од Западен Балкан оваа недела.

Слични содржини