Можност за промена на корисничкото право во сопственичко

од desk3
153 прегледи

katastar
Физичките лица кои правото на користење на градежно земјиште го стекнале со надомест, како и поранешните сопственици на градежното земјиште национализирано во 1958 година ќе можат да го приватизираат доколку нема Детален урбанистички план или друг акт за урбанистичко планирање со кој се дефинира градежна парцела.

Тоа, како што беше посочено на денешната прес-конференција на директорите на Агенцијата за катастар на недвижности и Управата за имотно правни работи, Славче Трпевски и Зоран Крстаноски, го овозможуваат последните измени на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост што ги донесе Собранието, а кои треба да стапат на сила на почетокот на следната недела.

– Досега оваа можност да го приватизираат градежното земјиште во површината што им е запишана во имотен лист им беше дадена само на поранешните сопственици на градежното земјиште, а сега се проширува опфатот и со физичките лица на кои во минатото им било дадено земјиште на користење со цел да изградат куќа или друг објект и за тоа платиле одреден надомест. Поради тоа овие граѓани за приватизацијата на земјиштето нема да треба да плаќаат никаков надомест, рече Крстаноски.

Тој посочи дека во Законот се вградени и дополнителни одредби кои, како што нагласи, ќе придонесат за поефикасно расчистување на корисничките права на трети лица и ќе бидат од директна корист за сопственици на објектите на градежното земјиште.

– Во одделенијата на Управата има голем број предмети каде на земјиштето е изградена куќа чиј сопственик има поднесено барање за приватизација, но на земјиштето е запишано туѓо корисничко право на лице што на тоа земјиште не поседува никаков објект. Во ваквите случаи токму преку одредбите што ги воведуваме многу побрзо сопственикот на куќата ќе го приватизира и ќе стане сопственик на земјиштето на кое е изградена куќата, прецизира Крстаноски и додаде дека ќе може да се приватизира и земјиштето под зградите за колективно домување.

Трпевски истакна дека со измените на Законот се воведува и посебна постапка со која се решава проблемот на голем број поранешни сопственици на градежно неизградено земјиште кои не поднеле барање за приватизација до истекот на крајниот рок на 15 декември минатата година.

– Поранешните сопственици кои се запишани како корисници на градежно неизградено земјиште најдоцна до 15 јуни идната година до Агенцијата за катастар на недвижности ќе можат да поднесат пријава за промена на правото на користење на градежно неизградено земјиште во право на сопственост по сила на закон. При тоа ќе треба да поднесат доказ за идентификација, правна основа, односно актот врз основа на кој е стекнато правото за користење на катастарската парцела, доказ од органот надлежен за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти и доказ за платен надомест на имотен лист, речеТрпевски.

Тој ги повика граѓаните навреме да поднесат пријава за промена на правото на користење, во спротивно, како што рече, ќе им се избрише корисничкото право. За трансформацијата, потенцира, нема да се плаќа надомест туку само такса од околу 1.000 денари неопходна за издавање имотен лист.

– Со измените на Законот се предвидува и електронско поврзување на Управата за имотно правни работи и Агенцијата за катастар на недвижности за што се во тек процедурите на потпишување договор за користење на електронскиот шалтер на Агенцијата. Очекуваме по завршувањето на процедурата, од 1 октомври годинава, Агенцијата и Управата да работат исклучиво по електронски пат, рече Трпевски.

Прецизира дека тоа во пракса ќе значи дека сите потребни докази кои Управата ги бара од Катастарот ќе се обезбедуваат електронски, а воедно Управата до Катастарот по електронски пат ќе го доставува решението за приватизација, заедно со пријавите за запишување и доказот за платен надоместок, за негово запишување.

– Значајна новина која ќе се реализира по електронски пат е и создавањето законска можност градежното неизградено земјиште кое не е опфатено со актите за урбанистичко планирање, односно е вон плански опфат, а на кое право на користење имаат физички и правни лица, врз основа на заклучок донесен од страна на Управата за имотно правни односи, Агенцијата за катастар на недвижности да изврши промена на правото на користење во право на сопственост, рече Трпевски и појасни дека тоа ќе значи оти сите граѓани кои имаат корисничко право на неизградено градежно земјиште надвор од Генералниот урбанистички план ќе можат да го приватизираат врз основа на донесениот заклучок од Управата. /МИА