МП: „Предводникот” на работната група на СДСМ за реформи во правосудството е политиколог, а не правник што укажува дека станува збор за чисто политички забелешки и празна демагогија

од Nikola Popovski
31 прегледи

СДСМ продолжува по патот на деструкција и креирање дезинформации на штета на граѓаните на Република Македонија. Очекувавме поконструктивен пристап, не заради нас, туку во интерес на доброто на државата. Но, досега, освен саботажа на дневнополитичка основа, ништо друго не видовме. Се надевамe дека ќе успеат да се надминат себеси и, во интерес на граѓаните, ќе се обидат да бидат покооперативни во иднина, велат од Министерството за правда како реакција на обвинувањата и прес-конференцијата на партијата од „Бихаќка“.

Од ресорот предводен од Игор Филков велат дека остануваат посветени на реформите – не во интерес на поединци или тесни групи, туку затоа што тоа, како што истакнуваат, им го должиме на граѓаните. Се надеваат дека еден ден и СДСМ ќе успее да го види тоа.

„Но, самиот факт дека „предводникот” на работната група на СДСМ за реформи во правосудството е политиколог, а не правник, неспорно укажува дека станува збор за чисто политички забелешки и празна демагогија, а не за правно издржани ставови. Работата на Министерството, како и досега, останува отворена и транспарентна за сите.

Токму критиките упатени кон Законот за Судскиот совет укажуваат на чисто дневно политиканство и празна фразеологија во дадената изјава. Законот е резултат на темелна анализа и повеќемесечна стручна работа, имајќи ги предвид препораките од оценската мисија, коментарите од Венецијанската комисија, сè со цел да се обезбеди независност на судството и заштита на правната држава.

Во текот на работата, изминатите месеци беа разгледани бројни коментари од политичките партии, вклучувајќи ги и тие на СДСМ – иако беа доставени крајно задоцнето – како и коментари од заинтересирани граѓани и бројни правни експерти. Никој нема да дозволи политички договори и мешање во судските институции.

Во однос на критиките за Законот за јавното обвинителство, укажуваме дека во текстот објавен на ЕНЕР имплементирани се сите препораки од реформската агенда. Дополнително, Законот, заедно со Законот за Советот на јавните обвинители, ќе биде доставен на мислење до Венецијанската комисија пред нивното финализирање и процесуирање во Владина постапка“, стои во соопштението од Министерството за правда.

Потпретседателката на СДСМ, Ана Чупеска денеска на прес-конференција алармираше дека власта покажува отсуство на свест за неопходноста од итно спроведување на реформската агенда, особено кога станува збор за судски реформи, што директно ја компромитира нашата европска перспектива.

Главна замерка упати до Министерството за правда, за кое рече дека како клучен ресор за судски реформи, одбива соработка, игнорира експертиза и системски ја поткопува правната држава.  Според неа, сведочат на отсуство на соработка со владините институции, особено со Министерството за правда, што додаде дека е злонамерна опструкција во однос на пакетот реформски закони.