МПЦ го поздрави ставот на СДСМ за повлекување на Законот за матична евиденција во предложената форма

од Nikola Popovski
333 прегледи

Епископот Јаков Стобиски го поздрави ставот на СДСМ дека предлог-законот за матична евиденција не треба да биде донесен во оваа форма, но да продолжи дебатата за предлог-законот за родова еднаквост. Тој истакна дека Црквата ќе продожи да учествува во јавната дебата.

-Никој нема право да ни го забрани тоа. Што се однесува до одлуката на ИО на СДСМ, тоа е за поздравување, иако е партиска одлука. Сега се на потег сите механизми на Владата и да видиме како Владата ќе се произнесе, рече отецот на брифинг со новинарите, искажувајќи го ставот на Светиот архиерејски Синод на МПЦ-Охридска епископија.

Тој додаде дека МПЦ-ОА не е против никого и не е против остварувањето на нечии права.

Извршниот одбор на СДСМ вчера отвори дискусија во врска со Законот за родова еднаквост и Законот за матична евиденција. Од таму го потенцирале фактот дека станува збор за сосема различни и засебни предлог законски решенија.

-Предлог Законот за матична евиденција Владата го повлече од собраниска процедура во март 2022 година за да се направи дополнителна консултација, за да исполнат очекувањата на целото општеството. Врз основа на ова, Извршниот одбор одлучи дека во ваква форма Законот за матична евиденција не треба да биде донесен и треба да продолжи процесот и вклучување на сите засегнати страни со цел изнаоѓање општо прифатливо решение. СДСМ е партија која гради демократско општество, која силно е посветена на еднаквоста меѓу мажите и жените, која инвестира во меѓусебна толеранција, почитување на човековите права и слободи, се вели во соопштението од партијата.

Со законското решение за измени на матичната евиденција неколку пратенички од ДОМ и СДСМ предлагаат секој граѓанин со наполнети 18 години, кој е деловно способен, и кој не е во брак да има право на правно признавање на родот. Тоа би се правело со поднеување на барање што би се пополнило на нотар.

Слични содржини