МПЦ-ОА организира протест за „заштита на основните верски права и слобода“

од Nikola Popovski
214 прегледи

Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) ќе организира протест за достоинство, слобода и заштита на основните верски права. Причината за протестот, како што велат, е неприфаќањето на нивните сугестии во однос на предлог-законите за матична евиденција и родова еднаквост.

-На денешната редовна седница, Светиот Синод на МПЦ-ОА изразува особено жалење и загриженост што релевантните институции го игнорирале Соопштението од сите верски заедници, кои претставуваат 95 отсто од населението, и не ги прифатиле сугестиите во однос на предлог законите за матична евиденција и за родова еднаквост. Напротив, продолжуваат со постапката во скратена форма за сите собраниски филтри, за целосно носење на овие Закони, за кои уште еднаш апелираме да се повлечат од процедура, бидејќи тие претставуваат сериозна закана за општеството особено за неговата основна клетка- семејството, стои во соопштението, нагласувајќи дека протестот ќе се случи на 29-ти јуни во Скопје.

Од МПЦ порачуваат дека будно ги следат случувањата и активните притисоци за носењето на овие Закони и оценува дека во ситуација мора да биде заштитено и одбрането семејството, а пред се децата.

-Повикуваме во оваа борба за достоинство, слобода и заштита на основните верски права да се придружи верниот народ, граѓанските здруженија, организации и сите поддржувачи заедно да ја заштитиме нашата вера и традиција од обидот за нејзино ‘искоренување’ спомнат во член 23 т.5 од предлог-законот, и да излезат на мирен протест пред Соборниот храм ‘Свети Климент Охридски’ во Скопје на 29 јуни 2023 година во 18 часот, против донесувањето на овие закони, заклучил Синодот на МПЦ-ОА.

Слични содржини