Ние изразуваме протест единствено против содржината на законите за матична евиденција и родова еднаквост, не протестираме против никој друг, категоричен е Викарниот Епископ Стобиски г.Јаков во видео обраќањето испратено непосредно пред протестот на МПЦ-ОА, во кое им порачува на граѓаните не само да застанат во одбрана на верата, во одбрана на слободата на говор и мислење, туку и да останат смирени и да не подлегнуваат на провокации на, како што велат, организации и луѓе кои перманентно го поткопуваат нашето општество и систем.
-И кога решивме во демократско општество да се собереме и тоа не на јавен простор, туку свои на своето, во Црквата своја, гледаме разработка на старото-добро сценарио каде што агресорот одново се претставува како жртва. Токму тоа се повиците кои што ги слушаме од вчера од некои невладини организации дека нашиот собир некого ќе загрози. Не се сомневам дека ќе има обиди на таков начин да се фрли сенка на Вистината, со нивните добро познати методи на праќање провокатори, вели епископот г.Јаков.
-Изминативе години континуирано се окупира јавниот простор со маршеви, паради и протести и не сме ги оспориле на било каков начин, дури и тогаш кога содржеле навреди кон Црквата и христијанството, додаде отецот.
Црквата ги повика верниците, граѓанските здруженија, организации и сите истомисленици да им се придружат во, како што велат, оваа борба за достоинство, слобода и заштита на основните верски права и заштита на нашата вера и традиција од обиди за нејзино искоренување.
Хелсиншкиот комитет за човекови права ги повика припадниците на ЛГБТИ заедницата да бидат помалку видливи и тивки за време на најaвениот протест.
-Остануваме да бидеме гласни и посветени во борбата за еднаквост и демократија, но на крајот на краиштата најважно е да останеме живи и здрави за да можеме да продолжиме да ја остваруваме нашата визија за Македонија како земја на еднакви права и можности за сите граѓанки и граѓани, се вели во нивното соопштение.