„Македонскиот полициски синдикат како единствен репрезентативен синдикат во Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за Разузнавање, Агенцијата за Национална безбедност и Управата за финансиска полиција во пресрет на чествувањето на 4 Февруари, денот на раѓањето на нашиот великан Гоце Делчев, со обраќање до своето членство!!!
Почитувани членови, секојдневно покажувате на дело како се сака татковината и како се извршува службата што Ви ја доверила истата. Исправени гордо пред браникот на нашата држава ја манифестирате Вашата човечност и саможртва оставајќи пример за идните генерации, пример за тоа како се сака и почитува својата татковина во време на бројни предизвици со кои секојдневно се соочувате, во минатото но и денес.
Токму од таа причина, како единствен репрезентативен синдикат кој се грижи за своето членство сакаме да Ви укажеме доследно да ги извршувате своите работи и работни задачи согласно законската регулатива на Република Северна Македонија. Да не се ставате во функција на политичките партии и други групации заради вршење на кривични дела и прекршоци, да не го нарушувате угледот на институцијата во која работите и да се воздржите од какви било провокации на активисти на политичките партии и други групации.
Само со професионален пристап и професионално работење ќе се подобри интегритетот на вработените во безбедносните служби и ќе се зајакне довербата на граѓаните која тие ја имаат како за вработените во Министерството за внатрешни работи така и за вработените во Агенцијата за разузнавање, Агенцијата за Национална безбедност и Управата за Финансиска полиција. Само така граѓаните ќе прифатат дека нашите активности на теренот се во нивни интерес, во интерес на безбедноста и стабилноста на нашата земја.
Безбедносните служби мораат да бидат надвор од партиските или било какви други влијанија, затоа што само деполитизирани безбедносни служби можат да гарантираат безбедност, правна држава и непристрасно спроведување на законите за сите.
Истовремено ги повикуваме политичките партии и нивните локални претставници како и сите други радикални групации да не ги заплашуваат нашите членови и воопшто сите вработени во безбедносните служби, бидејќи времето на закани и уцени е едно минато време и никој повеќе не може да ги заплашува претставниците на синдикатот и безбедносните служби.
На крајот ги охрабруваме сите наши членови да ги пријават сите вербални притисоци врз нив, и да не потклекнуваат на било какви притисоци од било кого.
Ние како Македонски полициски синдикат ќе ги штитиме нашите членови со сите средства што ни стојат на располагање“, стои во соопштението на Македонски полициски синдикат.