МПС: Стоп за нападите врз полицајците, да се заостри казнената политика

од Nikola Popovski
197 прегледи

Македонскиот полициски синдикат како единствен реперезентативен синдикат во Министерството за внатрешни работи најостро ги осудува нападите врз полициски службеници на протестите против францускиот предлог.

-Македонскиот полициски синдикат го известува своето членство и целокупната јавност во нашата држава, дека во континуитет работи и сериозно се залага да се документираат и да се профилираат сите напади врз полициските службеници при вршење на работните задачи и притоа да се идентификуваат евентуално системски недостатоци , во контекст на отстранување на недостатоци во системот на заштита на нашите колеги.

Цврсто сме решени да го интензивираме овој процес што бара постојана опсервација и ангажман , но исто така сме сигурни дека само така ќе овозможиме натамошно унапредување на позицијата на полицискиот службеник во делот на неговата лична безбедност и заштита на неговото здравје.

Трендот на напади врз полициски службеници само затоа што професионално си ги извршуваат работните обврски и задачи , спроведувајќи го законот мора да запре.

Сметаме , уверени сме и стоиме цврсто на ставот дека секој напад врз полициски службеник , односно било какво девијантно однесување кон , пред се – луѓето , кои секојдневно се грижат за безбедноста , редот и мирот во нашата држава , на индиректен начин претставува напад врз Република Северна Македонија.

Правосудните органи мора да започнат да ги процесуираат нападите врз полициските службеници во најбрз можен временски рок , притоа паралелно да се заостри казнената политика , со цел елиминирање на појавата на напади врз полициски службеници.

Како синдикат , сметаме дека ова е единствениот начин , за да бидеме сигурни , дека во случај на напад врз полициски службеник , институциите ќе реагираат брзо и ефикасно , за да сторителите бидат најстрого санкционирани, стои во соопштението од МПС.

Слични содржини