МРТ почнува со емитување на четири нови канали

од Vladimir Zorba

Македонската радио телевизија (МРТ) почнува со емитување на 4 нови телевизиски канали и тоа: МТВ 2 – 24 часовен канал на албански јазик, МТВ 3 – канал за спорт и забава, МТВ 4 – канал за останатите етнички заедници и документарна програма и МТВ 5 – специјализиран канал за детска програма.

„Отварањето на новите телевизиски канали е реализација на најстратешката определба во програмата за работа на овој тим кој раководи со МРТ.Со пуштање во етер на новите канали очекуваме нашите гледачи да добијат можност за следење на поголем број на различни содржини што опфаќа повеќе целни групи. Во овој период можеби е најзначајно отворањето на детскиот канал каде што ќе понудиме повеќе образовна и едукативна програма за учениците. Исто така, со зголемување на обемот на програмата на албански јазик, како и каналот за останатите етнички заедници ќе се отвори можност што поголем број на програми да се емитуваат на јазиците на нашите верни гледачи“, се вели во соопштението.

Новите телевизиски канали ќе бидат бесплатно достапни за сите граѓани во Македонија и тоа преку терестријалната мрежа како и преку платформите на сите оператори на програми. Гледачите кои ги следат програмите на Македонската радио телевизија преку кабелските оператори А1 и Телекабел, ќе можат да ги гледаат новите канали откако ќе ги прескенираат своите ТВ приемници или Сет-топ бокс уредите. Корисниците на Македонски телеком, без никаква интервенција, ќе ја добијат можноста да го следат Детскиот канал – МРТ 5 и Спортско-забавниот канал МРТ 3 во СД резолуција на каналите 6 и на 8, а во ХД резолуција на каналите 711 и 712. За редоследот на останатите два телевизиски канали дополнително ќе ја известиме јавноста.

Гледачите кои ги следат програмите на Македонската радио телевизија преку DVB-T мрежата на ЈП МРД (односно го примаат сигналот со антена), за да ги гледаат новите канали на МРТ, треба да ги прескенираат програмите на своите ТВ приемници или на Сет-топ бокс уредите.

Прв канал што ќе почне да емитува програма е МТВ 5 кој ќе започне на 8 април (среда) со почеток во 16:00 часот, а втор ќе биде МТВ 3 кој ќе започне да емитува програма на 10 април (петок) со почеток во 16:00 часот. Останатите два канала ќе започнат со работа на 16 април (четврток). Овој датум е земен заради јубилејот којшто го одбележува програмата на албански јазик.

Слични содржини