Во Албанија минималната плата достигна 405 евра и е за 10 евра повисока од македонскиот минималец кој порасна во март и сега изнесува 395 евра.
Според европската статистика „Евростат“, Албанија е на дното во Европа според минималната плата, но изгледа ја заборави Македонија која има за 10 евра понизок минималец. Според најновите статистички податоци минималецот во Македонија изнесува 24.379 денари или 395 евра. Ова покажува дека минималната плата и во Албанија и во Македонија е далеку пониска од онаа во соседните земји.
Според Законот за минималната плата во март Владата сама без согласност на Економско социјалниот совет го утврди новиот минималец кој е за 1.800 денари повисок. И со ова зголемување Македонија со минималец од 395 евра остана на дното во регионот, Албанија нè претрка со сумата од 405 евра, минималната плата во Црна Гора е 670 евра, во Босна и Херцеговина е 600 евра, Србија 619 евра….
Според податоците на Сојузот на синдикати 25.000 работници во државата земаат минималната плата, а 10.000 работници ни толку, односно 24.379 денари. Оттаму велат дека поразителен е фактот дека дури 80 отсто од работниците земаат средна плата, односно меѓу минимална и просечна плата.

Иван Пешевски
– Поради ниските плати работниците заминуваат од Македонија да работат во странство и да градат некои други економии и тоа треба да биде најголемиот пораз за газдите што ја злоупотребуваат работната сила. Летово голем дел од работниците ќе отидат на работа во соседните земји каде исто така платите се повисоки од кај нас. Поради тоа е и барањето на ССМ да се зголемат сите плати за да останат квалитетните кадри во државата. Безполезно е да се зборува за продуктивност на работниците кои ги плаќаме најслабо. Истите тие работници се попродуктивни во соседните земји, бидејќи и платите им се повисоки, изјави за „Локално“, Иван Пешевски од ССМ.
Тој додава дека изминатите години 13.000 градежни работници се иселени од Македонија поради ниските плати. Освен тоа, 100 илјади луѓе во државата живеат со 100 денари на ден, што ја зголемува стапката на сиромаштија и го намалува квалитетот на живот.
Б.С.