МТСП: Ниту се гради, ниту пак ќе се гради бегалски камп во Демир Капија

од Vladimir Zorba
108 прегледи

На територијата на општина Демир Капија ниту се гради, ниту пак ќе се гради бегалски камп или нешто слично во овој регион, соопштија денеска од Министерството за труд и социјална политика кое како дезинформации ги отфрли шпекулациите за наводна изградба на бегалски камп.

„Министерството за труд и социјална политика најодговорно потврдува дека се врши реконструкција на ‘Специјалниот Завод- Демир Капија’ која се однесува на депандансот кој се наоѓа во атарот на село Ергеле. За оваа активност финансиер е Меѓународната организација за миграции која единствено треба за потребите на Министерството за труд и социјална политика да изврши реконструкција на постојните објекти исто како што претходно за потребите на Министерството за здравство спроведе и реконструкција на болниците во Гевгелија и во Куманово, стои во соопштението на МТСП.

Оттаму нагласуваат дека „Специјалниот Завод – Демир Капија” е составен дел од мрежата на јавни установи чија што единствена намена е сместување и заштита на лица од ранливи категории.

„Ова значи дека истиот е невозможно да дава друг тип на услуги освен оние за кои согласно со Законот за социјална заштита е формиран и согласно тој Закон е прецизно наведено за кои лица е наменет. Воедно уште еднаш би сакале да го потенцираме ставот на Република Македонија која се декларираше како транзитна земја за мигранти и согласно со таквата политика во моментот на територија на Република Македонија има вкупно 25 лица во двата прифатни транзитни центри во Гевгелија и на Табановце и 11 лица баратели на азил сместени во Јавната установа Прифатен центар за баратели на азил во село Визбегово, Скопско“, велат од Министерството за труд и социјална политика.