МТСП: Новото мартовско усогласување на пензиите изнесува 8,4%

од Nikola Popovski
143 прегледи

Министерството за труд и социјална политика (МТСП) известува дека согласно одлуката на Владата на Република Северна Македонија од март 2022 година за новата методологија за усогласување на пензиите со мартовската исплата пензиите ќе се зголемат за 8,4%.

-Со Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување се предвиде нов начин на усогласување на пензиите, при што за пресметката на усогласувањето на пензиите се зема растот на трошоците на живот и растот на просечната плата. Со овој начин на усогласување на пензиите се овозможува реален пораст на пензиите во однос на платите, односно како што ќе порасне просечната плата, во континуитет ќе растат и пензиите. Усогласувањето на пензија се врши според движењето на индексот на трошоците на животот во висина од 50% и порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во Република Северна Македонија во висина од 50%, појаснуваат од МТСП.

Пензијата согласно новата Методологија, се усогласува на 1 март и на 1 септември секоја година според процентот кој се добива како збир на порастот на индексот на трошоците на живот во претходното полугодие и процентот на порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во Република Северна Македонија во претходното полугодие во однос на полугодието кое му претходи.

-Усогласувањето на Септемвриските пензии кои се исплатија со комбиниран модел од 50% пораст на просечната плата и 50% пораст на трошоци на живот односно усогласувањето беше во висина од 6.8%, (порастот на плати 6,6% а порастот на трошоци за живот 6,9%) со што просечната пензија од 16.348 денари се зголеми на 17.666 денари.
Усогласувањето на Мартовската пензија согласно методологијата ќе се зголеми за 8,4 % (пораст на плати 6,1 и пораст на трошоци за живот 10.6%) со што просечната пензија од 17.666 ќе се зголеми на 19.150 денари. Продолжуваме со грижата за највозрасните во нашата држава, потенцираат од МТСП.

Слични содржини