Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска најави дека доколку Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) достави барање за медијација во ЈП „Водовод и канализација“, тогаш МТСП ќе постапи согласно законот.
-Ќе одредиме медијатор кој што ќе се обиде да го реши проблемот преку медијација, со цел штрајкот да биде ставен во мирување, се додека не се изнајде решение, рече Тренчевска како одговор на новинарско прашање.
Таа посочи дека претходно кога СОНК достави барање до Министерството за труд и социјална политика да одреди медијатори, беше постапено по тоа барање и беше одреден медијатор кој успешно ја спроведе медијацијата и беше потпишана спогодба.
Од ССМ ѝ дадоа рок на градоначалничката Данела Арсовска до вечер до полноќ да остварат средба на која би „ги соочиле аргументите“ или во спротивно вработените во скопски „Водовод и канализација“ ќе стапат во штрајк.
Ако во рок од 10 дена со помош на медијатор не се изнајде прифатливо решение, според ССМ вработените ќе престанат со извршување на своите работни задачи.