Муамед Сејдини, делегат на Собранието на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), е санкциониран со двегодишна забрана за вршење каква било функција во фудбалот, откако Дисциплинската комисија на ФФМ утврди дека сторил измама и злоупотреба на овластувањата.
Одлуката е донесена по пријава на Управниот одбор на ФФМ, а санкцијата се темели на член 84 од Дисциплинскиот правилник, кој се однесува на „измама и доведување во заблуда орган на фудбалска организација“.
Според утврдените факти, Одборот за итност на ФФМ на 27 ноември 2024 година прифатил понуда од компанијата „Енергоинвест Трејд“ ДОО Скопје за изградба на трибина на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид, во вредност од 202.919.610 денари без ДДВ. Во понудата немало услов за авансно плаќање, а тогашниот претседател Муамед Сејдини бил овластен да потпише договор исклучиво според прифатените услови. Одлуката подоцна била потврдена и од Управниот одбор на Федерацијата.
И покрај тоа, на 3 декември 2024 година, Сејдини потпишал договор во кој бил вметнат дополнителен услов за авансно плаќање од 20 проценти, услов што не бил дел од првичната понуда и за кој немал соодветно овластување. Дополнително, авансот бил исплатен без обезбедена банкарска гаранција.
Дисциплинската комисија оцени дека со ваквото постапување Сејдини го довел во заблуда Управниот одбор на ФФМ и ѝ нанел значителна материјална штета на Федерацијата, поради што му е изречена двегодишна забрана за вршење функција во рамки на фудбалските органи.