Муцунски ѝ се заблагодари на Србија за помошта и емпатијата

од Nikola Popovski
38 прегледи

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски денеска ѝ се заблагодари на Србија и на српскиот народ за сета помош и емпатија дадена по трагедијата во Кочани.

Откако српскиот премиер во оставка, Милош Вучевиќ се потпиша во книгата на жалост во Амбасадата на Македонија во Белград, тој ѝ се заблагодари на Србија што сместила голем број пациенти во здравствените установи и е меѓу првите што ни помогна по катастрофата во Кочани.

„Ви благодариме што сместивте голем број пациенти и направивте се што е потребно. Вашите министри, премиерот Вучевиќ и министерот Марко Ѓуриќ, беа меѓу првите што ни се јавија, не само за да покажат емпатија, туку и да дадат поддршка и помош“, порачал шефот на македонската дипломатија пред новинарите.

Покрај во Србија, рече тој, пациенти се префрлени и во Солун (Грција), Софија (Бугарија) и други земји од регионот и Европа.

„Се покажа солидарноста на вашата држава, лекарите и народот. Се молам за здравјето на овие луѓе и ви благодарам за тоа што го правите за нас. Благодарност и до вашиот медицински персонал“, кажа Муцунски.

59 лица загинаа, а повеќе од 170 се повредени во пожарот што избувна во дискотеката во Кочани меѓу саботата и неделата. Голем број повредени лица се испратени во болниците во соседните земји, а 29 пациенти со изгореници се примени во четири здравствени домови во Србија.

Слични содржини