Никаде во официјални изјави на високи претставници на нашата држава не сум видел говор на омраза. Ако тие го сметаат за говор на омраза нашиот израз за потребата од афирмација на нашиот јазик и идентитет, тогаш проблемот е уште поголем отколку што ние мислиме дека имаме. Ние не сме земја-членка на ЕУ и не сме претставена внатре во институциите на ЕУ, вели министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски за вчерашната средба меѓу бугарскиот премиер Росен Жељазков со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
Муцунски потенцира дека ниту тој, претседателката Гордана Сиљановска-Давова или премиерот Христијан Мицкоски не употребител говор на омраза во однос на бугарската заедница во земјава и општо бугарскиот народ.
Според министерот, Софија влезе во многу опасен наратив кој што одговара на трети страни кои сакаат нестабилност во регионот. Муцунски порача дека имаме јасни црвени линии од кои нема да остапиме, како што се јазикот, идентитетските обележја, како и почитувањето на меѓународното јавно право и пресудите на Европскиот суд за човекови права.
-Доколку некој зборувањето за вистината, го чувствува како говор на омраза, проблемот е поголем, додаде шефот на дипломатијата дека „срамота е во 21 век да се прават обиди за редефинирање на нашиот национален идентитет“.
„Бугарија нема да поставува различни услови ниту ќе го претвори процесот во билатерален договор, туку ќе делува како членка на Европскиот совет,“ изјави вчера Жељазков пред почетокот на самитот на ЕУ во Брисел. На средбата со претседателот на Европскиот совет, премиерот на Бугарија вели дека добил уверување дека Советот строго ќе се придржува до истата рамка.
„Го замолив претседателот Кошта да им укаже на колегите во Скопје дека говорот на омраза ја поткопува довербата и не помага во процесот,“ додаде тој.