Муцунски: Евроинтеграциите и реформите се приоритет на новата влада

од Nikola Popovski
673 прегледи

Новата влада предводена од премиерот Христијан Мицкоски, ќе биде фокусирана на процесот на европска интеграција и спроведувањето на реформите, изјави вчера министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, додавајќи дека процесот на европска интеграција не треба да биде оптоварен со билатерални прашања.

Тој оцени дека европската интеграција е процес на стабилност за Западен Балкан, особено во актуелниот геополитички контекст.

„Во оваа смисла, можам со сигурност да кажам дека новата влада предводена од Христијан Мицкоски ќе биде фокусирана на процесот на евроинтеграции на земјата и на спроведувањето на реформите. Реформи кои ќе ни донесат опиплив напредок во областа на владеење на правото, борба против корупцијата, се што е потребно за нашата земја да направи на патот кон ЕУ“, рече Муцунски, кој првиот работен ден го почна во Луксембург, каде на иста маса седна со шефовите на дипломатиите на земјите-членки на Европската унија и Западен Балкан.

Кога станува збор за Планот за раст на Западен Балкан, тој посочи дека е многу важно што ЕУ обезбеди средства за развој на регионот и дека тоа ќе има позитивни импликации за економиите во регионот.

„Процесот на европската интеграција не треба да биде оптоварен со билатерални прашања. Со добра волја, користејќи дијалог и дипломатски средства, треба да постигнеме успех за сите земји од Западен Балкан кон ЕУ“, заклучи Муцунски.

Слични содржини