Муцунски го поздрави неодамнешниот договор за ослободување на заложници и прекин на огнот во Газа

од Nikola Popovski
18 прегледи

Шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски информира дека утрово остварил телефонски разговор со неговиот израелски колега, Гидеон Сар. Муцунски упатил честитки за неговиот избор на функцијата министер за надворешни работи, изразувајќи желба за успешна соработка во иднина и истакнувајќи дека неговото водство доаѓа во предизвикувачки период за Израел. Воедно, го поздравил неодамнешниот договор за ослободување на заложници и прекин на огнот во Газа, кој го нагласил како значаен хуманитарен чекор напред и можност за воспоставување траен мир во регионот.

-Разговаравме и за потенцијалот за продлабочување на билатералните односи, со посебен фокус на економската, технолошката и научната соработка. Дискутиравме за можностите за размена на искуства и знаења во области како образование, здравство, земјоделство, стартап екосистеми, технологија, туризам и култура. Нагласувајќи дека сеќавањето и почитта кон еврејската заедница и наследството се од исклучителна важност го информирав министерот Саар за денешното одбележување на Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот, стои во објавата на македонскиот министер.

Дваесетгодишната Наама Леви, која има корени од Македонија, е меѓу четирите израелски заложнички што завчера беа ослободени од палестинската организација Хамас. Леви беше земена како заложник на 7 октомври 2023 година кога милитанти на палестинското движење упаднаа на израелска територија и убија околу 1 200 луѓе, а околу 250 беа земени како заложници.

Според податоците што ги испратиле роднините на девојката, нејзината пра-прабаба Грасиа Бивас била родена во Македонија во 1893 година, во семејство на Хаим и Сара Бивас. Бабата, како девојче, околу 1900 година, заминала во Израел каде што низ годините основала семејство. Девојката Наама Леви е една од нејзините потомци.

Леви била дел од мировната организација „Раце на мирот“, чија мисија била да ги поттикне младите од Израел, Палестина и од Америка да станат промотори на мирот.

Слични содржини