Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски остварил средба со новата заменик – генерална секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска. Како што информираат од МНР, Муцунски ѝ упатил искрени честитки за изборот на оваа висока и значајна функција, која претставува признание за нејзиниот досегашен ангажман и потврда за меѓународната репутација на Република Северна Македонија како активна и посветена членка на НАТО.
Министерот изразил уверување дека нејзината улога ќе придонесе за дополнително зајакнување на Алијансата и унапредување на соработката меѓу земјите членки.
– Тој ја потврди посветеноста на Република Северна Македонија на заедничките цели и вредности на НАТО, нагласувајќи дека земјата ќе продолжи да дава активен придонес кон мирот, стабилноста и безбедноста во регионот и поширок, информираат од МНР.
Шекеринска ќе го замени вршителот на должноста заменик-генерален секретар Борис Руге на функцијата, кој привремено ја презеде функцијата претходно оваа есен по оставката на заменик-генералниот секретар Мирчеа Јоана за да се кандидира на романските претседателски избори овој месец.
Шекеринска ќе ја преземе функцијата пред крајот на оваа година.
Додека беше на чело на Министерството за одбрана во 2020 година, Скопје го испрати првиот контингент од 44 припадници на АРМ во мисијата на КФОР. Тоа беше прва мисија на АРМ откако Македонија стана 30-та членка на НАТО.
НАТО Алијансата побарала информации и мислење од Владата за изборот на Шекеринска. Како што истакна премиерот Христијан Мицкоски, „логично е како премиер на цела Македонија да донесам одлука во која што заедно со луѓето во тие ресори ќе покажеме тоа што зборуваме“. Премиерот информира дека Шекеринска имала четворица противкандидати за функцијата во најголемата воена алијанса.
-И другпат кога ќе има ваква прилика, секој македонски граѓанин од мене ќе биде поддржан во било која светска институција. Секогаш кога јас сум во Владата, ќе се водам од државните интереси, кажа премиерот.
Пред речиси една недела, Шекеринска беше на прием кај претседателката Гордана Сиљановска-Давкова која исто така ѝ ја честиташе новата функција.