Муцунски и Спиропали ја истакнале важноста на малцинствата во Македонија и Албанија

Посебен акцент бил ставен на економската соработка, со фокус на реализацијата на проектите од Коридорот 8

од Nikola Popovski
8 прегледи Фото: МНР

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје беше домаќин на министерката за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали, која престојува во прва официјална посета на нашата земја.

Како што информираат од МВР, на средбата биле разменети мислења за билатералната соработка меѓу двете земји, европската перспектива, како и за можностите за понатамошно унапредување и динамизирање на односите во сите области од заемен интерес.

Посебен акцент бил ставен на економската соработка, со фокус на реализацијата на проектите од Коридорот 8, зајакнувањето на трговската размена и проширувањето на соработката во други сектори.

-Двајцата министри ја истакнаа и важноста на националните малцинства во двете земји, нагласувајќи ја нивната улога како значаен фактор во градењето на стабилни, добрососедски и пријателски односи.

Во рамки на разговорите беше отворено и прашањето за регионалната соработка, сојузништвото во рамки на НАТО, како и за актуелните геополитички предизвици со влијание врз безбедноста и стабилноста на регионот, стои во соопштението од МНР.